ДЕЦАТА И РАЗВОДОТ – ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ

Зошто честопати, родителите при развод не ги ставаат децата во прв план?

Секој развод е семеен земјотрес кој не само што го дестабилизира детството, туку силно ги стресува и  родителите, а токму од нив се очекува да дадат поддршка. Тоа е долг процес, во кој неминовно се случуваат бури од емоции, па и несоодветни реакции. Релациите се усложнуваат ако има неприфаќање на одлуката за прекин на бракот кај едниот сопружник, развод заради неверство, висококонфликтен  развод, пребрза одлука за нов брак… Како тогаш да се биде функционален родител?

За жал, навистина некогаш родителите намерно прават сценарија и манипулираат, со цел родителско отуѓување, но сепак, најголем проблем е лошата комуникација. Таа е како страшен вртлог, од кој тешко успеваат да излезат, бидејќи постојано докажуваат кој е во право и кој е подобар. Тие имаат две различни парцијални перцепции за едно исто случување, а нивното дете е растргнато во конфликт на лојалност и балансира меѓу двајцата. Се бори сите да испливаат, многу често преку симптоматично однесување, кое некогаш не го ни разбираат и поврзуваат.

Постои ли за децата добар развод?

И во случај на добар, па дури и „идеален“ развод, на децата им е потребно време да преболат. Потребна им е помош и поддршка. Децата, можат подеднакво да бидат несреќни и во семејства каде не се случил развод. Од разводот пак, можат релативно брзо да оздрават и да продолжат со животот. Поентата е во родителството! Понекогаш луѓето дури и немаат идеја дека грешат како родители, па исто како и на децата  – потребна им е помош и поддршка. Некои возрасни велат и мислат „во најдобар интерес на децата“, но всушност задоволуваат некои свои потреби, честопати толку нездрави, што сериозно ги повредуваат, па и етикетираат оние за кои би ви рекле дека им се најважни. Ги разболуваат.

Како некои успеваат да продолжат добро да комуницираат и да бидат добри родители?

Успеваат, што е навистина охрабрувачки за сите кои допрва минуваат низ разводниот процес. Веројатно тоа е поврзано со индивидуални и контекстуални фактори, нo и нешто друго – во брак најчесто стапуваат двајца со многу сличен, ако не и идентичен степен на зрелост, односно незрелост. Понекогаш успеваат заедно да растат низ разни животни искуства, па и работа на себе, но не секогаш се расте. И не секогаш заедно и еднакво. Исто така, некогаш се разведуваат две големи непораснати деца, кои имаат деца.

Какво влијание врз децата од разводот се забележува на училиште?

Одамна е надмината заблудата дека децата не разбираат што се случува и можат мирно да играат и учат. Дури и во случај на сосема коректен развод, не се безгрижни и своите  емоции ги манифестираат на разни начини. Многу често, децата со возрасните започнуваат еден важен разговор – што не кажуваат со збор, покажуваат со симптом. Можно е да се забележи невнимание, намалување на училиштниот успех, недисциплина, нередовно носење домашни. Релациите со соучениците се менуваат, па некои деца се повлекуваат и осамуваат, а други стануваат агресивни. Се случува да не сакаат да доаѓаат на училиште, како да имаат обврска некого или нешто да чуваат. Има и такви кои често отсуствуваат, бидејќи манифестираат здравствени проблеми како резултат на емоционалниот товар.

Тажно е кога покрај со разводот, некои мораат да се борат со додатни тешки ситуации во домот: зависност, болест, депресија, насилство, сиромаштија, пребрзи одлуки за нови партнери… Исто така, многу деца со посебни образовни потреби се вистински предизвик за семејството и училиштето, кога разводот влијае на нивната состојба.

Можна ли е  училишна поддршка при развод на бракот?

Да, тоа е всушност инклузивен системски пристап во решавање на проблемите – кога ги барате ресурсите во секое делче од сложувалаката. Паралелката е второ семејство. Превенира и лечи. Учителот дава поддршка преку јакнење на детските резилиенци, без воопшто да ги издвојува и етикетира овие деца. Во училницата, ученикот добива и драгоцена  меѓуврсничка поддршка. „Одам кај другарите, кога играм заборавам“ – ќе ви објаснат помалите ученици, ако ги прашате што прават кога се тажни.

Важно е и да постои литература со цел да се нормализира разводот наспроти етикетирање, срам, тајна, себеобвинување и сл. Така ќе се намалат сите оние штетни последици кај децата, како разни психосоматски симптоми, училиштен неуспех, одбивање да се оди на училиште… промени во однесувањето. Потребно е да се надминат нестручните приоди во македонските учебници, поврзани со темите од семејниот живот.

Како да се разведе бракот, но да се заштитат децата?

Потребно е кородителство со избалансирана распределба на времето и обврските, преку заемна спогодба на двајцата сопружници кои се разведуваат, но ова не се случува често.

Кога се говори за заштита во најдобар интерес на детето, тоа е пречувствително комплексно прашање, кое зависи од многу фактори: возраст, пол, семеен контекст, локални ресурси, можни закани, потреби поврзани со сѐ она што е здрав детски раст и развој, но и пошироко. Воедно, поврзано со заштита на детскиот интерес – во секоја семејна приказна мора да се разгледаат капацитетите на двајцата родители. Можеби некој е зависник, или насилник. Можеби некој лаже дека другиот е зависник или насилник, со цел родителско отуѓување. Или пак, некој не умее да биде родител и ги запоставува потребите на сопственото дете.

Затоа, важно e да ја разбереме потребата да се договараат различни модели за различни семејства, наместо да се работи шаблонски. Така ќе им се овозможи, пред сѐ на оние кои сакаат, можат и умеат, да останат одговорни и посветени родители и покрај разводот на бракот. Не како со ножици поделено 50 : 50 проценти родителствување по секоја цена и при секој развод, туку како семеен индивидуализиран пристап, за одговорно и рамноправно кородителство. На тој начин ќе се спречува родителското отуѓување, но и дискриминирањето на родителите кои се подобни. Ова е сложен процес, насекаде, не само во нашата држава. Промени мора да правиме, бидејќи разводите се наше секојдневие.

Сопруга + Сопруг = Додека трае бракот
Мама + Тато = ЗАСЕКОГАШ 🙂

Родители не се разведуваат. Брачниот субсистем нема знак еднакво со родителскиот. Навистина е премногу важно и во интерес на децата, родителите да учат да соработуваат, наместо да војуваат. Да се слушаат додека зборуваат за да се разберат, наместо само да зборуваат, за да докажат колку се во право. Во детскиот свет е безбедно и добро, кога има место и за мама и за тато. Засекогаш.

Елизабета Петровиќ

Здружение за заштита на децата ПОВРЗАНИ